Мали и средни банки: што научивме од случаите со Алта Банка ад Битола и Еуростандард Банка АД Скопје?
Случаите со Алта Банка и Еуростандард Банка покажаа дека дури и банки кои изгледаа стабилни можат брзо да се најдат во сериозни проблеми. Овие настани оставаат важна лекција: депонентите и правните лица мора да ја засноваат својата одлука на факти, а не на емоции, навика или чувство на „гордост“ кон одредена институција.

Не се водете по емоции и лажен оптимизам
При изборот на банка која ќе ги чува вашите пари и ќе го поддржува вашиот раст, емоциите и приврзаноста кон „банката од детството“ не треба да бидат одлучувачки фактор. Банките, исто како и секој економски субјект, минуваат низ фази на раст, стагнација, а понекогаш и изумирање. Лажниот оптимизам не е ниту фер, ниту економски оправдан. Единствен сигурен водич се официјалните, јавно достапни податоци – капитална адекватност, квалитет на портфолиото, ликвидност и резултати од надзор.
Посебен совет за правните лица
Готовината што стои на тековна сметка претставува чист губиток на вредност. Покрај ризикот од пропаѓање на банката и губење на средствата, се губи и можноста за остварување на камата. Средствата што не се планирани за користење во наредните 15 дена може да се вложат во паричен фонд кај лиценциран финансиски фонд. Таму средствата:
- носат камата споредлива со орочен депозит,
- се достапни веднаш, без орочување,
- може да се исплатат во било која банка.
Резултатот е двојна придобивка: принос + значително намален ризик од концентрација во една банка.
Диверзификацијата не е опција – таа е основен принцип
Диверзификацијата на ризик е принцип што ја штити вредноста со векови. Прашањето е едноставно: колку од вас имаат сметка во најмалку две банки? Најчесто оправдувањата се „провизии“, „административно оптоварување“ или „сметководителот вели дека има повеќе работа“🤷♂️ . Овие причини се реални, но цената на недиверзификацијата може да биде многу повисока. Главната банка може и треба да остане носител на платниот промет и кредитниот однос, но бекап-варијантата мора да постои.

Луѓето зад бројките
Во банкарството, покрај технологијата, сè е околу луѓето. Проверете ги јавно достапните информации: составот на управниот и надзорниот одбор, евентуалниот одлив на клучни кадри, начинот на кој се назначуваат директори и други релевантни параметри. Овие податоци често даваат појасна слика за среден и долг рок отколку краткорочните биланси.
Изборот на банка не е прашање на традиција, гордост или навика. Тоа е прашање на одговорна заштита на вредноста. Користете ги официјалните податоци, применувајте диверзификација, не оставајте готовина непотребно на тековна сметка и внимателно следете ги луѓето кои ја водат институцијата. Само така можете да го минимизирате ризикот и да ја максимизирате сигурноста – и за себе и за вашиот бизнис.