Панел дискусија – „Како до подобри услуги за граѓаните“
Нашиот партнер, д-р Димитар Аневски, имаше чест да биде поканет како експерт на панел-дискусијата насловена „Како до подобри услуги за граѓаните“, организирана од Советот на Општина Битола и Градоначалникот на Битола. Дискусијата беше фокусирана на јавните претпријатија, кои претставуваат суштински сервис за граѓаните и играат клучна улога во нашето секојдневие.
За време на панелот беше истакнато дека овие претпријатија се соочиле со бројни предизвици: по пандемијата со КОВИД следеше енергетската криза, а потоа период на интензивни напори за нивна стабилизација. Советот на Општина Битола и Општина Битола, како транспарентни институции, ја организираа оваа панел-дискусија со цел да се отвори темата со јавноста и да се истражат начините за подобрување на услугите за граѓаните притоа да се одржи стабилност и развој на претпријатијата.

Покрај д-р Димитар Аневски, на панелот учествуваа:
- Градоначалникот на Битола, Д-р Тони Коњановски,
- Претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски,
- Директорите на јавните претпријатија:
- Андреј Гинов („ЈКП Водовод“),
- Зоран Талевски („ЈКП Нискоградба“),
- Горан Степановски („ЈКП Комуналец“),
- Зоран Михајловски („ЈП Паркинзи“),
- Драган Џаревски („ЈКП Пазари“).
Оваа дискусија претставува одличен пример за соработка меѓу институциите, експертите и јавноста во градењето подобра иднина за сите граѓани на Битола.
Горди сме што нашиот тим активно придонесува во вакви иницијативи! 🚀
Како компанија, остануваме целосно отворени за понатамошна соработка со јавниот сектор, препознавајќи ја неговата клучна важност и за корисниците на услугите и за животната средина.
Повеќе на следниот линк: „КАКО ДО ПОДОБРИ УСЛУГИ ЗА ГРАЃАНИТЕ ОД ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА“ – Општина Битола



Наша сумарна изјава:
„Транспарентноста и отвореноста што Општина Битола ги практикува во своето работење претставуваат пример вреден за следење од страна на другите локални самоуправи. Денешната панел-дискусија, организирана токму во тој дух, е една од активностите насочени кон подигнување на највисоки стандарди во управувањето со јавните претпријатија, преку вклучување на експерти од различни области и отворен дијалог со директорите на претпријатијата.
Од презентираните излагања на директорите јасно се согледуваат клучните предизвици со кои се соочуваат јавните претпријатија: на расходната страна забележително континуирано растење на трошоците за плати, енергенси и материјали, додека на приходната страна приходите не го следат истото темпо. Оваа диспропорција на среден рок доведува до намалување или целосно кратење на средствата наменети за развој, со фокус исклучиво врз тековното извршување на активностите, додека на долг рок создава ризик од нарушување на нормалното функционирање и обезбедувањето на услуги со висок квалитет.
Како приоритет се истакнува потребата од системска оптимизација и зголемување на ефикасноста во работењето на претпријатијата пред да се премине кон утврдување на реалната цена на чинење на услугите и воведување на пазарно оправдан систем на цени. Оваа крајна цел ќе обезбеди стабилна и предвидлива приходна страна што нема да зависи од политичка волја, а истовремено ќе гарантира континуирано високо ниво на услуги и долгорочна финансиска стабилност на претпријатијата.
Капиталните инвестиции – како во опрема така и во човечки ресурси – мора да бидат во целосна усогласеност со долгорочната стратегија за развој на Општина Битола, со цел да се обезбедат максимални ефекти и одржливост.
Во однос на субвенциите од страна на основачот, тие треба да останат исклучиво во доменот на еднократна помош за непредвидени и исклучителни ситуации, а не да станат редовна пракса. Во спротивно, тоа би довело до намалување на развојните средства на Општината без трајно решавање на структурните предизвици во претпријатијата.
Посебно внимание треба да се посвети на одговорното однесување кон животната средина и интеграцијата на принципите на циркуларната економија во секојдневното функционирање на јавните претпријатија. Ова подразбира намалување на отпадот, реупотреба и рециклирање на материјалите, ефикасно користење на ресурсите и промовирање на одржливи практики, кои не само што ќе ги намалат трошоците на долг рок, туку и ќе придонесат кон зачувување на природата и исполнување на еколошките обврски на Општината. Вклучувањето на циркуларната економија станува императив за одржлив развој, обезбедувајќи дека јавните услуги се обезбедуваат на начин што ја штити животната средина за идните генерации.
Општина Битола и Градоначалникот со ваков пристап покажуваат посветеност кон одговорно, ефикасно, еколошки свесно и долгорочно одржливо управување со јавните ресурси, поставувајќи темел за квалитетни услуги, зачувување на животната средина и просперитет на заедницата“ рече Аневски.