
Дел од одговорноста лежи кај вештаците, чија стручност може и мора да ја врати довербата во правото и правдата. Нивната единствена лојалност мора да биде насочена кон фактите, науката и објективноста, а не кон интересите на обвинителството, одбраната или судот.
Рејтингот на судството во Република Македонија, кој според истражувањата се движи околу само два процента доверба кај граѓаните, претставува алармантен показател за состојбата во правосудниот систем. Во јавноста најчесто вината се припишува исклучиво на судиите, но ваквиот пристап е едностран и не ја одразува целосната слика. Судските постапки не се производ само на судиската одлука, зависат и од умешноста на обвинителите и адвокатите, како и од квалитетот на доказите, експертизите и стручните мислења врз кои тие одлуки се темелат.
Вештаците и стручните лица, како дел од судската пракса, имаат суштинска улога во утврдувањето на фактите. Нивната независност, стручност и научна аргументираност се темел на фер и кредибилно судење. Кога тие принципи се нарушени — кога вештачењето е површно, пристрасно или нарачано — тогаш целокупниот процес ја губи својата доверливост.
Одговорноста, затоа, мора да се сподели. Не сите судии заслужуваат да го носат товарот на нискиот рејтинг на судството; дел од тој товар лежи и кај оние кои со својата експертиза влијаат врз судиските одлуки.
Вештакот, како стручно лице вклучено во судскиот процес, треба да остане незаинтересиран за исходот на постапката и за ниту една од страните, освен за фактички докажаната вистина. Неговата единствена лојалност мора да биде насочена кон фактите, науката и објективноста, а не кон интересите на обвинителството, одбраната или судот. Само таквиот пристап обезбедува вештачење што не е алатка во рацете на странките, туку стожер на праведноста и вистинитоста во постапката.
Класичен негативен пример се две дијаметрално спротивставени вештачења. Тоа секако може да се должи на различен пристап при анализа на податоците, користење на различни методологии, немање пристап до одредена документација или субјективна проценка на одредени факти. Но да не можат двата вештаци да се усогласат, тоа секако е сигнал дека е последица или на недоволна компетентност или во најлош случај намера поради познати причини најчесто кај едниот вештак.
Ја споменав поделбата на одговорноста која е огромна бидејќи едно мислење може да влијае врз исходот на процес кој го засега животот, имотот или честа на луѓето. Затоа, етичноста, независноста и стручноста се основни вредности во оваа професија.
Неопходно е фелата да се организира во систем кој емпириски ќе може да ги идентификува добрите и лоши практики во вештачењата, позитивните и негативни примери од праксата. Вперувањето на рефлекторите во нашата фела е здраво и позитивно, посебно за оние вештаци кои претпочитаат етичко и стручно работење.
Намерата ми е да го свртам вниманието на јавноста и кон нас вештаците – тивките креатори на довербата во судството. Независниот вештак, кој ја почитува науката повеќе од влијанијата, е токму оној фактор што може да ја врати довербата во судството и да го подигне рејтингот од сегашните симболични два процента.
Потребно е општеството што поскоро да ја препознае важноста на оваа професија, затоа што вештачењето не е само техничка постапка. Ако сакаме праведен правен систем, мора да инвестираме во квалитетни, етички и стручни вештаци.
Инвестирањето не е индивидуален пристап, бара координирана поддршка од Министерство за правда преку усогласување и ажурирање на застарената документација (правилници, акти и тн), како и проактивен пристап на Комората на вештаци.
На крајот, но не и помалку важно би ја истакнал и потребата за вмрежување, за што во наредниот период ќе бидеме сведоци на значајни активности кои ќе придонесат кон зголемување на кохезијата на фелата која и тоа како може да влијае позитивно на згоелмување на довербата во правосудниот систем.
д-р Димитар Аневски – финансиски експерт и вешто лице од економската област.
Линк до Фактор.мк
Судство со 2% доверба – колку „вештите„ лица придонесуваат кон ниската доверба во судството