Да… да… данокот треба да се пријави

Данок од остварени приходи од странство: Обврски за пријава и плаќање согласно барањата на УЈП
Македонските даночни резиденти (физички лица со постојано живеалиште во РСМ или престој над 183 дена во дванаесет месечен период) имаат законска обврска да оданочуваат, вклучително и приходите остварени од странство. Оваа обврска произлегува директно од Законот за данок на личен доход (ЗДЛД) и НЕ ПРЕТСТАВУВА НИКАКВА НОВИНА.
Со години, Управата за јавни приходи (УЈП) преку својата официјална веб-страница, јавни соопштенија, портали јасно и континуирано ги укажува законските одредби, начинот на пријава и плаќање на данокот. На пример, во соопштенијата од декември 2025 година УЈП експлицитно потврдува: „Обврската за пријавување и оданочување на доход остварен од странство не претставува нова законска мерка… Законската регулатива постои од секогаш и е усогласена со универзалниот принцип на оданочување на светскиот доход во државата на резиденство.“
Како се пријавуваат приходите од странство?
Пријавата се врши електронски преку системот е-Даночни услуги со поднесување на аконтативна пресметка (е-ППД):
- За повеќето видови доход (хонорари, фриленс, дивиденди, камати, капитални добивки, закуп преку Airbnb/Booking и сл.) – до 10-ти во месецот што следи по месецот на остварување.
- За плата или пензија од странство на која е платен данок во странство – најдоцна до 31 март во годината што следи, со задолжителен доказ (уверение од странскиот даночен орган).
Кон пресметката се прикачуваат докази за приходот (извод од банка, договор, фактура, потврда од исплатувач).
За остварување на даночен кредит (признавање на платениот данок во странство, до 10 % – стапката на ДЛД во РСМ), задолжително се доставува официјален документ од надлежниот странски орган.
Годишната даночна пријава – момент на проверка
УЈП врз основа на сите пријавени податоци (вклучително и од странство) автоматски изготвува и доставува пополнета Годишна даночна пријава (ГДП) најдоцна до 30 април наредната година. Граѓанинот е должен најдоцна до 31 мај преку истиот е-систем да ја ПРЕГЛЕДА и / или да ја
- ПОТВРДИ
- КОРЕГИРА

Пример од практиката: зошто е критично да се прегледа пријавата???
Не е исклучок приход од странска компанија (дивиденда, хонорар за интелектуални услуги, фриленс или продажба на акции/крипто) да биде оданочен само делумно во Македонија или воопшто не е во странската држава. Ако странскиот данок е помал од 10 % или нема доставен доказ за платен данок, во Македонија останува обврска за доплата на разликата.
Доколку овој приход не е целосно пријавен преку е-ППД или не е коригиран во годишната даночна пријава, УЈП ќе утврди неплатен данок, ќе пресмета каматa и ќе изрече казни. Резултатот: дополнителни трошоци кои можат да се избегнат со навремен преглед и корекција.
Затоа – проверете ја вашата даночна пријава!
Логирајте се на https://e-ujp.ujp.gov.mk, преземете ја пополнетата Годишна даночна пријава и проверете дали сите приходи од странство се правилно прикажани и дали е применет даночниот кредит. Ако не сте сигурни како да ја пополните пресметката, како да приложите докази или дали имате обврска за одреден тип доход – не чекајте.
Ако не знаете – прашајте
Стручниот тим на Аневски Партнерс стои на располагање за целосна поддршка: од проверка на резидентен статус, подготовка на е-ППД, обезбедување на даночни потврди, до корекција на годишната пријава и застапување пред УЈП.
Не оставајте неплатен данок, казни и камати да ви станат изненадување. Навремената проверка и корекција е наједноставниот и најевтиниот начин да бидете во целосна даночна усогласеност.
За консултација, контактирајте нè на contact@anevski-partners.com или преку формата за контакт на нашата веб-страница.
Аневски Партнерс – ваш доверлив партнер во даночното усогласување.
Od kaj sega ova, danok sekade 🙂
10% 🙂